СДСМ со услови за враќање на преговорите за Изборниот законик

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави во емисијата „Во центар“ на МТВ дека неговата партија нема да учествува во работната група за измени на Изборниот законик додека во предлогот остануваат одредби кои, според него, отвораат простор за злоупотреба на изборниот процес. Филипче посочи два спорни члена – начинот на гласање на дијаспората, без разлика дали ќе биде електронско или по пошта, бидејќи според него не постои модел што целосно ја гарантира безбедноста на гласот, и можната промена на начинот на означување на гласачките ливчиња, наместо постојниот систем со заокружување на бројот пред партијата.

Според него, СДСМ би се вратил на масата за преговори доколку спорните одредби се отстранат, а во законикот останат единствено препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Тој нагласи дека партијата нема забелешки на зголемувањето на финансиската поддршка за помалите партии, ниту на идејата за единствена изборна единица. Филипче го објасни и поводот за повлекувањето на СДСМ од разговорите – промената на законот за техничка влада без консензус, иако, како што потсети, и тој закон во 2020 година, како и изборниот законик во 2016 година, биле усвоени со широка согласност на сите поголеми партии.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top