Ива Михаилова од Кочани, обвинета за тешко кривично дело против безбедноста на сообраќајот по сообраќајна несреќа во која загина едно лице, во ноќта помина кон Бугарија и наутро заедно со нејзиниот бугарски адвокат даде изјава на граничен премин. МВР соопшти дека во системот за гранична контрола нема регистриран легален излез на Михаилова од Македонија, која е под мерка забрана за напуштање на земјата, одземени патни документи и задолжително јавување во полиција секој понеделник. Основниот суд во Кочани потврди дека до моментот нема известување за прекршување на мерките. Бугарскиот министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, најави дека ќе се испита кога, каде и како таа навистина преминала границата, додека случајот веќе ги затегна односите меѓу Скопје и Софија.
