Јавните обвинители денеска гласаат за нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), откако мандатот на досегашниот шеф Ислам Абази се ближи до крај. Абази, избран на функцијата во октомври 2022 година, имал право да се кандидира повторно, но соопштил дека нема да бара реизбор и дека планира да се врати во Повисокото јавно обвинителство во Гостивар.

За наследник на Абази се натпреваруваат петмина обвинители: Трајче Пеливанов и Јован Цветановски, обвинители во Повисокото јавно обвинителство Скопје, Лидија Рајчевиќ, обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје, како и Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи, кои веќе работат во самото ОЈО ГОКК. Петмината свои програми презентирале пред Советот на јавните обвинители на 13 октомври, при што како заеднички приоритети ги истакнале јакнењето на истражните центри, финансиските истраги, зголемувањето на кадарот, подобрата соработка со другите институции и поголемата самостојност на обвинителството. Гласањето е тајно и директно, а право на глас имаат 187 јавни обвинители од целата земја. Изборниот процес го води комисија формирана од Советот на јавните обвинители, во состав Ермон Незири, Кети Петкова и Светлана Стојковиќ. Гласачкиот ден трае од 8 до 16 часот, по што се очекува резултатите веднаш да бидат прочитани на јавна седница.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top