Хакерски напад го блокираше системот за изборни финансии на американската изборна комисија

Системот за електронско пријавување на кампањските финансии на американската Федерална изборна комисија (ФИК) е надвор од употреба откако беше изложен на хакерски напад, пренесуваат странски медиуми. Прекинот во функционирањето настанал во понеделник навечер, а на следниот ден вечерта комисијата соопштила дека проблемот е идентификуван и дека тимот за информатичка технологија активно работи на негово отстранување. И по тоа соопштение, статусната порака на сајтот сè уште покажувала дека системот за пријавување не работи.

Поради прекинот, кандидатите, политичките комитети и другите организации не можат да ги поднесат задолжителните извештаи за трошење средства во изборната кампања во пропишаните рокови од 24 или 48 часа. Јавноста, пак, и понатаму може да ги пребарува и да ги гледа претходно поднесените извештаи на сајтот на комисијата. Нападот се случува само околу една недела пред конгресните избори во САД, насрочени за 3 ноември, на кои ќе се одлучува дали републиканците, предводени од претседателот Доналд Трамп, ќе ја задржат мнозинството во Конгресот. Комисијата појаснила дека нејзините надлежности не се поврзани со самото спроведување на изборите, па прекинот не треба да влијае врз можноста на граѓаните да гласаат.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top