Во судскиот процес за набавката на видеолотариски терминали за Државната лотарија, обвинетиот Артан Груби побара како сведоци да бидат повикани речиси сите министри што учествувале на владината седница од 6 јуни 2023 година, на која е донесена спорната одлука. Меѓу предложените сведоци се поранешните заменици на претседателот на Владата Бојан Маричиќ, Фатмир Битиќи и Славица Грковска, како и министрите Бујар Османи, Фатмир Бесими и неколку други членови на тогашниот кабинет, вклучително и нивните заменици. Единствен исклучок е поранешниот премиер Димитар Ковачевски, бидејќи токму Груби го заменувал него на таа седница.
Обвинението тврди дека со одлуката Државната лотарија добила можност самостојно да организира игри на среќа и да набави терминали во вредност од 9,7 милиони евра, и покрај тоа што ексклузивното право на организирање електронски игри на среќа веќе му било доделено на друг концесионер уште во 2013 година, во замена за учество од 51 отсто во заедничка компанија. Обвинителството смета дека постапката за одобрување на набавката ги прекршила процедурите на Владата.
Одбраната, пак, истакнува дека обвинителството не бара надомест на штета, бидејќи опремата останува сопственост на Лотаријата, а нејзината вредност дополнително расте. Судењето, замислено како забрзана постапка, досега трипати било одложувано, а сведочењата сè уште не разјасниле прецизно каде настанал пропустот во постапката за набавка.



