Собранието продолжи кризната состојба за нафта за уште шест месеци

Пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, со 70 гласа „за” и без гласови „против” или „воздржани”, на седница одржана на 19 октомври ја продолжија кризната состојба поврзана со снабдувањето со нафта и нафтени деривати за наредните шест месеци, односно до 20 април 2027 година. Претходната мерка, донесена на 20 јули годинава, требаше да истече токму на 20 октомври. Ова е веќе трето продолжување на кризната состојба, која првично беше прогласена откако настаните на Блискиот Исток го нарушија меѓународното снабдување со нафта.

Владата образложи дека причините за воведување на кризната состојба сè уште не се надминати, бидејќи ризиците од нестабилност на пазарите опстојуваат. Работна група за процена на ризик, која почетокот на октомври ја анализирала енергетската снабденост на земјата, препорачала продолжување поради закани од можни блокади при увозот на нафта и горива. Премиерот Христијан Мицкоски, кој пред десетина дена го најавил чекорот, порача дека кризната состојба ќе биде укината штом се стабилизираат меѓународните пазари за снабдување. Истовремено, на 20 октомври истекува и привремениот намален ДДВ од 18 на 10 проценти за дизел – мерка воведена за да се ублажат цените на горивото на пумпите, но за чија судбина сè уште нема одлука. На истата седница, пратениците на трето, конечно читање го усвоија и Законот за дополнување на Законот за државна ревизија.

Leave a Comment

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top