Македонската економија порасна за 4,3 отсто во вториот квартал од 2026 година, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Станува збор за еден од најдобрите квартални резултати во изминатите две и пол години, а растот значително го надминува просекот на Европската Унија од 1,2 отсто и на еврозоната од 1 отсто.
Според официјалните податоци, бруто-инвестициите се зголемиле за 16,5 отсто, извозот на стоки и услуги пораснал за 10,4 отсто, додека градежништвото бележи скок од дури 21,9 отсто. Позитивни движења се забележани и во преработувачката индустрија, трговијата, транспортот и угостителството, а на растот придонела и домашната потрошувачка.
Министерката за финансии, Гордана Димитриевска Кочоска, оцени дека станува збор за континуиран тренд, а не за еднократен резултат, потсетувајќи дека растот пред две години изнесувал само 1,6 отсто.
Паралелно со позитивните макроекономски податоци, агенцијата за кредитен рејтинг Фич ја потврди кредитната оценка на Македонија на ниво „ВВ+“, со стабилни изгледи. Во образложението, агенцијата ги истакна подобрените показатели за владеење, повисокиот БДП по глава на жител во споредба со земји со сличен рејтинг, како и посветеноста кон процесот на пристапување кон ЕУ.
Фич посебно го издвои растот на капиталните расходи, кои во периодот јануари-јули 2026 година се зголемиле за 40 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 46 отсто од годишната ревидирана цел. Дел од овој раст се должи на забрзаната реализација на инфраструктурни проекти, меѓу кои Коридорите 8 и 10д.
Според проекциите на агенцијата, во наредниот период се очекува постепена фискална консолидација, со стеснување на буџетскиот дефицит, додека вкупниот јавен долг би се стабилизирал на околу 52,7 отсто од БДП во периодот 2026-2028 година.
Министерството за финансии ја оцени потврдата на рејтингот како позитивен сигнал за меѓународните финансиски пазари и инвеститорите во однос на економската стабилност и перспективите на земјата.